Архиви на невидливите - база за дигитализација и истражување на извори од областа на историјата на жените во македонското минато

Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) во 2022 година го реализираше проектот Архиви на невидливите 02, посветен на истражување на првото македонско женско списание „Македонка - Орган на АФЖ“ (1944-1952). Истражувањето резултираше со објавувањето на зборник на научни трудови „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“.

Цели на проектот

„Архиви на невидливите“ претставува теоретско-методолошки осмислен проект, чија цел е да понуди систематизирани извори низ кои се прикажува поширока слика за претставата на жените во наративите за македонското минато, отаде стереотипната имагологија, како и анализа на изворите во контекст на позицијата на жените во националните мастер-наративи. Истовремено, истражувањето воспоставува и една практична цел: поставување на резултатите во институционален контекст, со изработка на прирачник со препораки за унапредување на состојбите за овие теми во образовните и научните процеси.

Истражувањето започнува од премисата за печатот од 19 и 20 век како медиумски, политички и идеолошки фактор низ кој се граделе и рушеле културните, националните и јазичните обрасци. Оттаму, родово димензионираниот истражувачки аспект на печатот може да придонесе за разбирање на различни теми од областа на историјата на жените, социјалната историја, но и да ја збогати со аргументи и нови гледишта и официјалната национална историја.

Истражувачки тим

Истражувачкиот тим зад зборникот „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ (2022) година беше сочинет од Ивана Хаџиевска (ур.) (политичка историја), Јана Коцевска (ур.) (социјални аспекти), Дарко-Леитнер Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Специјален мододолошки и критички придонес имаа д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и д-р Јелена Милинковиќ (Институт за книжевност и уметност, Белград).

Истражувачкиот тим зад публикација „Архиви на невидливите: жените во печатот од Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни“ (2021) им пристапи на изворите низ четири засебни теми на анализа, кои го олеснуваат патувањето на читател(к)ите низ изворите. Осуммина истражувачи, и тоа Нада Бошковска (печатот и националните наративи), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (Прирачник со препораки за крос-институционални политики) се тимот кој работеше на публикацијата. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.

За нашата работа кажаа:

„Пред вас е работата на мала група истражувач(к)и во својата рана кариера, кои за своја мисија во оваа книга си поставија да насочат светлина кон помалку видливите во историјата и со тоа да ги направат видливи. Постојат повеќе групи што остануваат невидливи или во сенка на историската светлина: тие групи биле маргинализирани во своите општества, не создале многу свои пишани дела и најчесто биле одминувани од оние коишто ги формирале официјалните дискурс и историографија. Може да стане збор, на пример, за маргинализирани општествени групи или за дискриминирани малцинства. Во нашиот случај, оние кои се невидливи ни доаѓаат од сите општествени слоеви, и во никој случај не се малцинство: книгата е посветена на македонските жени кои живееле во периодот помеѓу двете светски војни… Проектот врз којшто е базирана оваа книга е еден од серијата слични проекти во регионот што се фокусираат врз историјата на жените.“ – проф. д-р Нада Бошковска, Катедра за Источно-европска историја, Универзитет во Цирих

Проектот „Архиви на невидливите“ посветен на „Македонка“ е од вонредна важност. Активностите на овој проект се вклучени во најновите научни истражувања на периодиката на југословенскиот простор и затоа е од клучно значење не „само“ да се реализира неговата актуелна фаза туку и да се продолжи проектот, пред сè во процесот на дигитализација на изворите. Така, покрај првичното интердисциплинарно толкување на списанието што го нуди оваа збирка, би се понудила и претстава на самото списание. Особено е важно да се укаже не само на предноста туку и на неопходноста од дигитализирање (…) „Македонка“ е споменик на НОБ, антифашизмот, феминизмот, женската култура и раниот социјализам. Затоа, неговото читање и неговата достапност го надминува локалниот, македонскиот, контекст и го засега целиот југословенски простор. Нејзината дигитализација би овозможила понатамошни компаративни интердисциплинарни и трансдисциплинарни истражувања и би ги збогатила југословенските студии, како и студиите на периодиката.“ – д-р Јелена Милинковиќ, Институт за книжевност и уметност, Белград

Последни новости

ВИДЕО од промотивниот настан за Архиви на невидливите 2.0

ВИДЕО од централниот настан на проектот „Архиви на невидлвите“, 28 октомври 2022 година, Музеј на Република Северна Македонија, Скопје: Проследете ја ПРОМОЦИЈАТА на зборникот „Архиви на невидлвите: Македонка - Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ и обраќањето...

11.11.2022

[ФОТО ГАЛЕРИЈА] Финален промотивен настан Архиви на невидливите 2.0, 28.10.2022, Скопје

На 28 октомври 2022 година, во просториите на Музејот на Република Северна Македонија во Скопје, се одржа финалниот промотивен настан на истражувачкиот и мултидисциплинарен проект „Архиви на невидливите“. Настанот опфати: промоција на зборникот трудови „Архиви на невидливите: Македонка - Орган...

05.11.2022