На 22 октомври, со почеток во 18 часот во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) ќе одржи промоција на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“.
Ова дело, е резултат од истоименото истражување кое го разгледуваше начинот на претставување на жените во наративите за македонското минато и понуди анализа на жените во националните наративи. Книгата нуди и препораки за унапредување на состојбите за овие теми во образовните и научните процеси.
(…)
Со ова истражување ги збогатуваме наративите за биографските портрети на жени значајни за Битола и битолско, како хуманитарката Захарија Шумљанска, просветната работничка Билјана Трифуновска Каранова и тандемот комитки од Лера – Среба Апостоловска и Донка Ушлиновска.
(…)
* * *
Нада Бошковска, професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих информира дека во овој проект се работи за жената во македонската историја. Тоа, според нејзе, е малку обработувана тема.
– Во овој проект се истражуваше ситуацијата на жените во меѓувоениот период во вардарска Македонија од 1918 до 41 година и тоа се истражуваа списанија: списанието „Луч“ кое излегуваше тогаш во Скопје, списанието „Илустрација Илинден“ кое излегуваше во Бугарија во Софија тогаш и „Смена“ едно студентско списание. Темелно се истражуваше тоа, се бараа жени како авторки, жени како тема, како објекти на тие статии и мислам дека за првпат се влезе во подлабоко во тој период во таа смисла, со таа насока и тоа е големо достигнување, вели Бошковска. Во ова истражување, како што рече, се покажа дека жените како авторки ретко се сретнуваат во тие списанија кои биле достапни. – Проблемот беше што сето тоа мораше да се работи само со списанија кои беа скенирани, кои можеа преку интернет да се најдат, затоа што библиотеките и архивите беа затворени во тој период и тоа беа тие три воглавно и тука жени како авторки многу ретко се најдоа. Би морало да се продолжи со други списанија и извори и темелно да се обработи тоа прашање, посочи таа. Покрај промоцијата на публикацијата, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржа и конференција на која говорниците споделија искуства од архивирањето на изворите поврзани со женската историја, дигитализацијата и достапноста на тие извори како едукативни и други содржини кои се важни за еманципација на разни целни групи.
(…)
* * *
ПРОМОВИРАНА ПУБЛИКАЦИЈАТА „АРХИВИ НА НЕВИДЛИВИТЕ: ЖЕНИТЕ ОД МАКЕДОНСКОТО МИНАТО ВО ПЕЧАТОТ ПОМЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ“ (makpress.mk) 29.10.2021
Покрај промоцијата на публикацијата, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржа и конференција на која говорниците споделија искуства од архивирањето на изворите поврзани со женската историја, дигитализацијата и достапноста на тие извори како едукативни и други содржини кои се важни за еманципација на разни целни групи.
Меѓудругото беше поставена и изложба од уметницата Христина Иваноска којашто е насловена „Музеј на женски приказни“ од 2015 година, но, како што посочија организаторите, темпоријално не е ограничена, а нејзината тема е слична со темите кои се обработуваат во проектот.
Христина Иваноска создава интердисциплинарни дела преку кои ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата.
Публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период. Публикацијата ја изготви тим од осум истражувач(к)и, и тоа Нада Бошковска (стручна соработничка/предговор), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (прирачник со препораки за крос-институционални политики). Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска од ЦИНИК – Скопје.
* * *
Жените помеѓу двете светски војни – тема на книга, конференција, изложба (umno.mk) 29.10.2021
Промоција на публикација, конференција и изложба во чии фокус се жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓу двете светски војни, ќе биде организирана денеска во 13 часот во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје. Настанот го организира Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).
Ќе биде промовирано изданието „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни”, која нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период. Публикацијата ја изготви тим од осум истражувач(к)и, и тоа: Нада Бошковска (стручна соработничка/предговор), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (прирачник со препораки за крос-институционални политики). Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска од ЦИНИК – Скопје.
* * *
Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска им дадоа светлина на помалку видливите во историјата и со тоа ги направија видливи, т. е. посветија книга на македонските жени кои живееле во периодот меѓу двете светски војни, вели професорката Нада Бошковска за авторките на книгата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“.
Книгата беше промовирана во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во издание на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).
За собирање на податоците, тимот користел извори од: списанието „Луч“ , печатено во Скопје во периодот 1937-38, југословенскиот студентски журнал „Смена“ и списанието „Илинден“ печатено во Софија.
„Жените најчесто ги наоѓаме во три категории, тоа се најчесто хуманитарки, учителките кои имаат голема видливост и биле почитувани од властите и заедниците и жени кои биле вклучени во различни форми на народен отпор, како курирки, комитки, дури и војводи на чети. Тие поради свои семејни приказни се одметнувале и заедно со членовите на своето семејство или сами, вон таа класична патријархална структура на жена и сопруга, заминувале во планините, живеејќи еден сосема поинаков живот, правејќи историска руптура“, рече Хаџиевска.
Сепак, сметаат авторките, иако во книгата има студии и податоци од истражувања, општо гледано, историјата на жените сѐ уште е премалку застапена во македонската историографија.
„Не е воопшто зачудувачки што истражувачките од тимот најдоа толку малку текстови чии авторки се жени. Големите поместувања во областа на урбанизацијата, писменоста и правната еднаквост не се случиле сѐ до периодот на социјализмот и не вродиле со плод сѐ до 1960-те“, пишува во предговорот професорката Бошковска.
Според Котевска, која е авторка на делот за јавните политики, потребно е позиционирање на родовата еднаквост и родовата видливост како клучни приоритети за развојот на историографијата во Македонија.
Таа наведува повеќе препораки, како на пример, прочистување на учебниците по историја од доминантните хетеронормативни машки вредности, отстранување на родови стереотипи и дискриминација од учебниците, како и доследно спроведување на законот за еднакви можности и на законот за спречување и заштита од дискриминација.
(Б. Несторовска)