Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) во 2022 година го реализираше проектот Архиви на невидливите 02, посветен на истражување на првото македонско женско списание „Македонка - Орган на АФЖ“ (1944-1952). Истражувањето резултираше со објавувањето на зборник на научни трудови „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“.
„Архиви на невидливите“ претставува теоретско-методолошки осмислен проект, чија цел е да понуди систематизирани извори низ кои се прикажува поширока слика за претставата на жените во наративите за македонското минато, отаде стереотипната имагологија, како и анализа на изворите во контекст на позицијата на жените во националните мастер-наративи. Истовремено, истражувањето воспоставува и една практична цел: поставување на резултатите во институционален контекст, со изработка на прирачник со препораки за унапредување на состојбите за овие теми во образовните и научните процеси.
Истражувањето започнува од премисата за печатот од 19 и 20 век како медиумски, политички и идеолошки фактор низ кој се граделе и рушеле културните, националните и јазичните обрасци. Оттаму, родово димензионираниот истражувачки аспект на печатот може да придонесе за разбирање на различни теми од областа на историјата на жените, социјалната историја, но и да ја збогати со аргументи и нови гледишта и официјалната национална историја.
Истражувачкиот тим зад зборникот „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ (2022) година беше сочинет од Ивана Хаџиевска (ур.) (политичка историја), Јана Коцевска (ур.) (социјални аспекти), Дарко-Леитнер Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Специјален мододолошки и критички придонес имаа д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и д-р Јелена Милинковиќ (Институт за книжевност и уметност, Белград).
Истражувачкиот тим зад публикација „Архиви на невидливите: жените во печатот од Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни“ (2021) им пристапи на изворите низ четири засебни теми на анализа, кои го олеснуваат патувањето на читател(к)ите низ изворите. Осуммина истражувачи, и тоа Нада Бошковска (печатот и националните наративи), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата), Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (Прирачник со препораки за крос-институционални политики) се тимот кој работеше на публикацијата. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.
За нашата работа кажаа:
Учеството на македонската делегација на собирот за одбележување 80 години од создавањето на АФЖ, 6-7 декември 2022, Босански Петровац/Бихаќ Регионалниот настан за одбележување на 80 години од основањето на АФЖ беше инициран од феминистичките колективи од просторот на поранешна Југославија....
10.12.2022
ВИДЕО од централниот настан на проектот „Архиви на невидлвите“, 28 октомври 2022 година, Музеј на Република Северна Македонија, Скопје: Проследете ја ПРОМОЦИЈАТА на зборникот „Архиви на невидлвите: Македонка - Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ и обраќањето...
11.11.2022