Веб страницата nevidliviarhivi.mk е дел од работата во склоп на проектот „Невидливи архиви“, посветен на анализа и теоретско исчитување на изворите поврзани со жените во печатот кој што се печател и/или циркулирал на територија на Вардарска Македонија, во периодот помеѓу двете светски војни.

Во рамки на проектот беше спроведено истражување на дигитализирани збирки на ретка периодика, дел од збирките на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, достапни на Дигиталната библиотека при институцијата (dlib.mk). Според методологијата утврдена од истражувачкиот тим, каде критериумот за изборот на збирките зависеше од дигитална достапност и содржинската релевантноста на изворите во однос на историјата на жените од македонското минато, беа избрани и истражувани три целосно дигитализирани збирки: „Илустрација Илинден“, „Луч“ и „Смена“. Иако овие периодични извори од меѓувоениот приод не претставуваат експлицитно женски печат, истражувачкиот тим процени дека истражувањата од областа на појавноста и дејственоста на жените во медиумската сфера мора да започне токму со анализа на „предисторијата“ на женското модерно вклучување во историските процеси во македонскиот контекст. Оваа веб страница нуди пристап до дел од визуелните и текстуалните извори користени во истражувањето, користејќи дигитални објекти отстапени од страна на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и дигитални содржини кои слободно може да се најдат на интернет. Заедно, дигиталните содржини понудени овде отвораат можност за критичко исчитување на процеси од минатото поврзани со учеството на жените во јавната сфера.
Станува збор за веб страница од областа на дигиталното архивирање на историски извори, и уште поконкретно – дигиталното архивирање на извори од историјата на жените во македонскиот контекст. Веб страницата ги има следните цели: (1) да ги приближи до пошироката јавност наодите од истражувањето во склоп на проектот „Архиви на невидливите“; (2) споделување на користените визуелни и текстуални извори користени во истражувањето (3) да воспостави практики за комуникација и олеснето споделување и користење на извори помеѓу (независните; вонинституционалните) истражувачи и имателите на тие извори од релевантните институции.
Визијата зад воспоставувањето на оваа веб-страница е развој на платформа кон дигитална трансформација на пристапноста и достапноста на архивски, библиотечни и други извори поврзани со историјата на жените, за целни групи како независните истражувачи од разни области на општествените и хуманистичките науки и книжевноста, едукатори, ученици и студенти, како и сите други заинтересирани чинители за кои историјата на жените е релевантна тема.

Содржините се распределени во неколку категории: Текстови – теоретска анализа и исчитување на изворите; Библиографија – специјализиран тематски опис и попис на содржините од истражуваниот печат каде жените се јавуваат како субјекти или главни објекти на текстот; Илустрации – издвоени и отстапени дигитални објекти кои претставуваат дел од користените извори и го визуелизираат истражуваниот наратив. Користењето на веб страницата може да се опише низ предлог од неколку корисни чекори: Текстовите изработени од експерти ги врамуваат изворите во научен апарат и тами ги анализираат низ алатките на историографијата, антропологијата или книжевноста, притоа користејќи есеистички јазик; а библиографијата поттикнува систематски пристап и можност за лесен пристап до посакуваните содржини од интерес во збирките. На овој начин достапните визуелни дигитални објекти се тематски систематизирани како извори од областа на историјата на жените и може да се читаат во конкретен историски контекст.