Извор: Год. 5, бр./кн. 5-6 (55-56), 1933, стр. 17 Опис во периодиката: „Македонски жени на селска чешма“
Опис:
„Македонското општество било, и до одреден степен сe уште е, многу патријархално. Она што австрискиот историчар Карл Казер го пишувал за семејството на Балканот, важи и за Македонија сe до социјалистичкиот период: огромен дел од населението живеело во селата1, во комплексните домаќинства кои биле сочинети од неколку родовски поврзани нуклеарни семејства кои, пак, заедноформирале семејна и производствена задруга од којашто живееле. Улогите и просторот за делување биле строго дефинирани од родот и возраста. Условите за живеење во овој сиромашен регион биле на ниско ниво, и можеби токму поради тоа било важно да не се мешаат сферата на мажите со сферата на жените. Традиционалниот поредок бил одржуван од строгите правила што одредувале кој што прави и кој кому му е подреден. За жените кои се мажеле, заминувањето во ново семејство прво значело покорност, а потоа барање на сопственото место во новото семејство. Тие морале да изградат нов идентитет во комплексната семејна структура, идентитет на снаа или на золва, кои по стапувањето во брак го губеле дури и сопственото име: жената станувала „невеста“ и со тоа, доколку била повикувана по име, тоа потекнувало од името на сопругот – Кировица, Кољовица, Лазовица. “ – Нада Бошковска, „Предговор“.
Во „Архиви на невидливите: Жените во печатот од Вардарска Македонија помеѓу двете светски војни“, ур. Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска, 7-15. Скопје: Центар за истражување на национализмот и културата, 2021.