
Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), во 2022 година спроведува истражувачки проект од областа на историјата на жените – Архиви на невидливите. Станува збор за продолжување на истоимениот проект од 2021 година, во последователна хронолошка насока: кон тематска студија на првиот женски печат „Македонка – Орган на АФЖ“.
Примарна перспектива на студијата е историјата и тековите на еманципацијата на жените во рамки на социјалистичкиот проект после Втората светска војна, но и историските искуства од процесите на еманципација во културна меморија во македонското општество. Резултатите ќе бидат објавени во Зборник на текстови, изработен од истражувачки тим.
Овогодинешното истражување е продолжување на минатогодишниот проект Архиви на невидливите, кој се фокусираше на (не)видливоста на жените во печатот кој се печател или циркулирал на територија на Вардарска Македонија во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941). Оваа година, истражувањето ќе се фокусира на преглед и таргетирање на наративите во печатот, кои сведочат за социјалните и институционалните процеси на еманципацијата на жените. Истражувањето започнува од премисата за „Македонка“ како извор од прв ранг за истражување на најразлични аспекти од историјата на жените и тековите на социјализмот во македонскиот контекст по Втората светска војна. Последично, се наметнува и прашањето за положбата на списанието „Македонка“ во политиките на сеќавање денес и состојбите со неговата маргинализација во историографскиот канон, како и приликите на негово чување и институционален третман како важен и уникатен историски извор.
Целта на истражувањето е да понуди авторски перспективи на историографските, родовите, симболичките, културните и јазичните аспекти на истржуваниот печат. Тимот е составен од Ивана Хаџиевска (политичка историја на списанието), Јана Коцевска (социјални аспекти); Дарко Лајтнер-Стојанов (образовни и дидактички аспекти); и Мања Величковска (јазични и семантички аспекти). Уреднички на зборникот се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска. Дел од проектот е и уметничка артикулација и комуникација на истражувањето на печатот, во форма на изложба под авторство на уметницата Христина Иваноска, во соработка со Тиииит!Инк. Скопје. Соработнички на тимот во истражувачкиот процес се историчарката Ивана Пантелиќ од Институтот за современа историја на Србија во Белград и Јелена Милинковиќ научна соработничка на Институтот за книжевност и уметност во Белград – признаени претставнички на академските истражувања од областа на женските студии и родот.
Истражувањето е поддржано од Фондацијата Хајнрих Бел од Сараево и Министерството за култура на Република Северна Македонија.